Коментар за македонскиот превод на членот 3 б од Спогодбата.



ЧЛЕН 3 б.

Во англискиот оригинал, членот 3 б гласи: „The nationality of the Second Party shall be Macedonian/citizen of the Republic of North Macedonia, as it will be registered in all travel documents".

Извор: http://www.pappaspost.com/wp-content/uploads/2018/06/Athens-Skopje-English.pdf (пристапено 13 септември 2018)

Во македонскиот превод, објавен на страницата на Владата на Република Македонија, тој гласи: „Државјанството на Втората Страна ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, како што ќе биде заведено во сите патни документи“.

Извор: http://vlada.mk/sites/default/files/dokumenti/konechna_spogodba_makedonija_grcija.pdf (пристапено 13 септември 2018)


ОБЈАСНУВАЊЕ


Членот 3 б се однесува на патните исправи.

1.
Во англиската верзија членот 3 б јасно нотира две категории: националност и државјанство, и тие соодветствуваат на патните исправи на земјите-членки на ЕУ и земјите-кандидати за членство во ЕУ. Па така, во македонските пасоши стои: државјанство/ националност: македонско, во хрватските пасоши: državljanstvo/nationality: hrvatsko; со преводно решение тие се јавуваат на германските, шведските пасоши, итн.

Во англискиот член кај националност е наведен зборот „македонска“, а кај државјанство синтагмата „граѓанин на Република Северна Македонија“.

Македонскиот превод нотира само една категорија. Во него е испуштена категоријата националност, а зачувано е само државјанството (граѓанин).


2.
Националноста не ги опфаќа сите значења на државјанството, и обратно, државјанството не ги опфаќа сите значења на националноста.


НАЦИОНАЛНОСТА се дефинира како правна врска помеѓу лицето и државата, и не се однесува на етничкото потекло.

I. Членот 2а од „Европската конвенција за националности“ гласи: „Националноста подразбира правна врска помеѓу лицето и државата и не укажува на етничкото потекло на лицето.“
II. Националноста се стекнува со раѓање, посвојување, брак или потекло (спецификите варираат од една до друга земја).
III. Да се има националност е клучно за стекнување целосно признавање според меѓународното право. Така, во член 15 (1 и 2) од „Универзалната декларација за правата на човекот“ на Обединетите Нации стои: „Секој има право на националност“; „Никој не смее самоволно да биде лишен од својата националност, ниту од правото да ја промени националноста“.
IV. Интересно, но „Универзалната декларација за правата на човекот” на ОН во ниеден член не го спомнува државјанство!


ДРЖАВЈАНСТВОТО се дефинира на следниот начин.

I. Државјанството е потесен концепт од националноста.
II. Државјанството се однесува на специфичен правен однос помеѓу лицето и државата, во смисла дека ги регулира правата и обврските што лицето ги има кон државата. (Националноста е дефинирана како пошироката правна врска помеѓу двете).
III. Државјанството не мора да биде придружувано од националноста (на пример, во некои држави, лицето ја стекнува националноста со раѓање, но државјанството го стекнува дури со наполнети 18 години).
IV. Ова разлика е евидентна и во членот 20 (1) од „Договорот за функционирање на Европската Унија“, каде стои дека: „Секоe лице со државјанство на земја-членка е државјанин на Унијата. Државјанството во Унијата е дополнето и не го заменува националното државјанство“.
Со овој член се валидира дека националноста е фундаментална категорија за врската помеѓу лицето и државата што станала членка на ЕУ, додека пак државјанството на ЕУ се додава, но не ја заменува националноста/државноста како правна припадност кон државата.

3.
Испуштањето на националноста во преводот на членот 3 б остава можност за разни толкувања, особено кај граѓаните кои не го зборуваат англискиот. Еве некои:

I.
Во македонскиот превод е задржано државјанството, а испуштена е националноста, што може да имплицира дека националноста е подредена пред државјанството, или евентуално е „апсорбирана“ (или ќе биде) од него. Историски пример, националност: југословенска во СФРЈ. Или во случајов, државјанството на Република Северна Македонија би станало примарно пред македонската националност (можна импликација).

II.
Бидејќи во преводот е задржана државноста, а не и националноста, едно толкување е дека статусот на македонската националност е (ќе биде) променет во однос на државјанството. Националноста и државјанството во РМ досега се именуваа според македонската етничка група. Новото државјанство можно би сугерирало дека македонската националност го губи државотворниот капацитет (state building capacity). Во ова толкување би значело дека по 74 години, прво како Социјалистичка Република Македонија (според политичкото уредување), а потоа како независна држава, а по Спогодбата, националноста останува македонска, но таа ја губи државотворната функција, бидејќи името на државјанство повеќе не соодветствува на името на националноста. Дел од етничките групи што живеат во Република Македонија имаат остварен државотворен капацитет, меѓу нив Албанците, Србите, Турците, за разлика од други етнички групи кои немаат државотворен капацитет како Ромите, Власите, итн. Ова толкување би значело дека македонска етничка група останува мнозинска и ја задржува националноста, но таа националност повеќе не е идентична со државјанството.

III.
Или пак, сосема обратно. Во оригиналот се наведува дека постои една националност: македонската, и едно државјанство: граѓанин на Република Северна Македонија.
Според ова толкување, а заради оригиналниот член, граѓаните од другите етнички групи што живеат во Република Македонија (албанската, турската, ромската, српската, влашката, итн.) би можеле да бараат промена на националноста во патните исправи (кои сега се водат како македонска националност заради тоа што името на националноста и државјанството се идентични). Бидејќи тоа повеќе нема да биде случај, другите етнички групи би можеле да побараат дополнителни внатредржавни договори по повод Спогодбата со Грција (две партии веќе најавија ваква можност).


4.
Случајно забележав дека преводот на македонски (и на албански јазик) не соодветствува на оригиналниот текст на Спогодбата, а по повод поканата за средба со ЕУ делегацијата.

Под точен превод во филологијата го сметаме оној што материјално одговара на оригиналот. За термините националност и државјанство овде се употребени последните толкувањата од 2017, околу правното разграничување на двете, а по повод Брегзит. Коментарот е мој и без консултација со правно, дипломатско, филолошко или друго стручно лице, политичка партија, невладина организација, или друг чинител во или надвор од РМ, па сите евентуалните погрешни толкувања се мои.

Со коментарот се апелира во кампањата за референдумот, граѓаните да се информираат за оригиналниот текст на Спогодбата, бидејќи станува збор за документ од историски карактер.



Reply · Report Post