Драги колеги/шки, да не речам другари и другарки,оти мене па, најмалце ме личи:)



Во атачмент се заклучоците на 100-тина наставници (професори и асистенти) од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ по повод двете изјаснувања:

1) Предлогот за воведување „државен испит“
2) Двата предлог-закони кои го засегаат високото образование,
усвоени на две вонредни седници на Факултетот од 15.12.2014 и 24.12.2014 година.


Двата предлози од МОН се ЕДНОГЛАСНО И КАТЕГОРИЧНО ОТФРЛЕНИ ОД СИТЕ 11 КАТЕДРИ на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.


Повторувам: СИТЕ ПРЕДЛОГ-ИЗМЕНИ КАТЕГОРИЧНО И ЕДНОГЛАСНО СЕ ОТФРЛЕНИ од сите 100-тина наставници на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, најстарата високообразовна институција во Република Македонија!


Почитувани,

Во прилог ви ги доставуваме сублимираните ставови на наставниот кадар на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ усвоени на две вонредни седници на Наставно научниот совет одржани на 15.12.2014 и 24.12.2014 година.


I.
СТАВОВИ ВО ОДНОС НА ПРЕДЛОГОТ ЗА ВОВЕДУВАЊЕ ДРЖАВЕН ИСПИТ

Во врска со Информацијата бр. 13-17423/2 од 5.12.2014 од Министерството за образование и наука ве известуваме дека сите единаесет катедри на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, во писмена форма се изјаснија дека едногласно и категорично го отфрлаат предлогот на Министерството за образование и наука на Република Македонија за воведување државен испит во високото образование, врз основа на следниве аргументи:

1. Неуставност и мешање во автономијата на Универзитетот

Предложениот „државен испит“ претставува директно упаѓање во автономијата на високообразовните установи, загарантирана со Уставот и со законите на Република Македонија.


2. Некомпатибилност со ЕКТС (Болоњскиот систем на високото образование)

Проверката на знаењата според Законот за високо образование, во согласност со Болоњскиот процес на студирање се одвива континуирано и оценката е збир на однапред дадени активности, во зависност од природата на предметот. Предложениот испит директно се коси со Болоњскиот процес, кој од високообразовните институции бара да имаат добро изградени внатрешни механизми за проверка на знаењето, кои се состојат од: редовно следење на наставата, проверка на знаењето преку писмен и устен испит/колоквиуми, активност на часовите, проектни задачи, практични часови во струката, јавни презентации, дебати, дискусии за прочитаната литература, работилници. Студиите се заокружуваат со изработка и јавна усна одбрана на дипломскиот труд, вреднуван од тричлена комисија од соодветната област.

3. Колизија со постоечките механизми за проверка на квалитетот на образовниот процес.

Работата на Универзитетот подлежи на надворешна евалуација од страна на соодветни институции, како и внатрешна самоевалуација. Извештајот од последната меѓународна надворешна евалуација на УКИМ (во која двапати беше опфатен Филолошкиот факултет „Блаже Конески“), покажа дека УКИМ е на првото место во Република Македонија, а воедно дека се искачи повисоко на ранг-листата на светските универзитети во однос на претходното рангирање на Шангајската листа.

4. Колизија со концептот на знаење и оценување на знаењето, како и дуплирање со веќе постоечките државни испити

Во високото образование се вреднува не само квантумот на меморираните податоци, туку напротив, се вреднуваат целокупните знаења, вештини и практичната примена на знаењата.
Дипломираните студенти на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и досега се подложуваат на проверка на стручната оспособеност со полагањето низа државни испити: лекторскиот испит (преку Министерството за култура), стручниот испит што е услов за вршење наставна дејност (испитот се спроведува преку Министерството за образование и наука), како и стручен испит за судски преведувач (спроведуван од Министерството за правда).

5. Колизија со законските норми за високото образование

Високото образование во Република Македонија не е задолжително со закон, за да подлежи на ваков тип проверка.

6. Дискредитација на наставниот кадар и на студентите

Предлогот го дискредитира угледот и професионалноста на универзитетските професори за вреднување на знаењето. Предметните наставници се компетентни и стручни за оценување на знаењата, способностите и постигањата на студентите. Наставниот кадар подлежи на постојана проверка, како ниту една друга професија, преку реизбори на секои 4 или 5 години.


II.
СТАВОВИ ВО ОДНОС НА ДВАТА ПРЕДЛОГ- ЗАКОНИ

Во врска со дописот бр. 02-1333/3 од 18.12.2014 од МОН ве известуваме дека сите единаесет катедри на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ - Скопје во писмена форма се изјаснија дека едногласно и категорично ги отфрлаат двата предлог-закони и тоа 1) Предлог законот за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишно, основно и средно и 2) Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за високото образование, врз основа на следниве аргументи.

Иако е даден нереално кус рок за „јавна расправа“ по предлог измените на наведените закони и иако сме свесни дека нашите мислења и ставови одат паралелно со активностите за собраниската расправа во врска со предлозите, сметаме дека како институција која има значаен удел во темелите на високото образование во Република Македонија имаме должност и обврска кон претходните и идните генерации филолози да ги изнесеме нашите ставови и мислења.

Предложените измени и дополнувања се косат со Уставот на Република Македонија, конкретно со три члена: член 44 („секој има право на образование“ и „образованието е достапно на секого под еднакви услови“), член 46 (со кој на Универзитетот му се гарантира автономија), како и член 47 (со кој се гарантираат слободата и правата што произлегуваат од научното и други видови интелектуално творештво).


СТАВ ВО ОДНОС НА ПРВИОТ ПРЕДЛОГ-ЗАКОН


Сметаме дека Предлог-законот за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишно, основно и средно е потполно неприфатлив, противуставен, дискриминирачки и штетен. Со него се омаловажуваат кадарот и дипломата на Филолошкиот факултет, се девалвира знаењето и искуството на професорите, се поништува досегашниот труд и напредокот во полето на филологијата и наставата на мајчин и странски јазик, заради што Предлог-законот категорично го отфрламе со следните аргументи:

1. Одредбите се противуставни бидејќи министерот за образование и наука добива надлежности кои му припаѓаат на Универзитетот (определување студиски програми, утврдување звања со кои се стекнуваат студентите, уредување начини и содржини за изведување на дипломскиот испит, директно мешање на министерот во давањето согласност за формирање комисии за избор и реизбор). Како што е познато, студиските и предметните програми ги изготвуваат наставниците што ја изведуваат студиската програма и ги имаат сите потребни квалификации и стручни компетенции за својата научна област. Вклучувањето на Бирото за развој на образованието чии соработници не се компетентни за прашања од областа на високото образование, во процесот на акредитирање на студиските програми, претставува директен упад во автономијата на универзитетот. За одобрувањето на студиските програми исклучиво треба да е надлежен Одборот за акредитација.

2. Одредбите се противуставни бидејќи не се почитува правото на еднаквост на сите факултети при добивањето акредитација за студиските програми. Со овие измени, наставните факултети се девалвирани затоа што за акредитацијата на нивните студиски програми се дава преголемо овластување на Бирото за развој на образованието (што функционира како тело за основно и средно образование), а покрај тоа треба и одобрение од стручната комисија што ја формира министерот. Сметаме дека одобрувањето на студиските програми за наставните насоки треба да останат исклучително во надлежност на Одборот за акредитација и евалуација, стручно тело при МОН, надлежно за високообразовните институции.
3. Предлогот за формирање Академија за наставници ги обезвреднува дипломите кои ги издаваат тековните наставни факултети во Република Македонија.

4. МОН неуставно инсистира на англискиот јазик како еден од главните предуслови за наставници, со што се негира и се обезвреднуваат националните јазици (особено македонскиот), што се коси со Законот за заштита и употреба на македонскиот јазик. Потсетуваме дека до пред некоја година македонскиот јазик беше задолжителен за сите наставни насоки на високообразовните институции.

5. Нарушување на академската слобода заради барањето на МОН за задолжително користење зададена, преведена стручна литература од соодветната област.

6. Дискриминација на студентите во однос на критериумите за упис на различни факултети (полагање математика, странски јазик) што се сведува на дуплирање на државната матура, како и во однос на стипендирањето.

7. Предложените измени се дискриминирачки, навредливи и нехумани, а истовремено претставуваат и противзаконско нарушување на приватноста (предлогот за снимање на приемниот испит и негово емитување во живо).

8. Дискриминација на наставно-научниот кадар при изборот во звање на наставните насоки во однос на колегите од другите насоки (полагање тестови за странски јазик на секои три години, тест на личност и тест за интегритет, задолжително објавување на труд во списание со импакт-фактор во последните три години).

9. Дисквалификација на тековните наставно-научни кадри и непочитување на актуелните критериуми за избор во звање (лице кое докторирало на универзитет од Шангајската листа автоматски се избира во звањето).


СТАВ ВО ОДНОС НА ВТОРИОТ ПРЕДЛОГ-ЗАКОН


Вториот Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за високото образование е во целост неприфатлив, противуставен, дискриминирачки и штетен за Универзитетот, а со тоа и на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Имено, Предлог- законот претставува:

1. Дискредитирање и девалвирање на интегритетот на македонските наставно-научни кадри (по автоматизам наставно-научни и раководните кадри на универзитетите и факултетите да бидат лица кои се странски државјани).

2. Не се земени предвид укажувањата и агрументите дека филолошките науки во центарот на своето истражување ги третираат јазиците како еднакви и не се дава доминација на еден јазик, во случајов на англискиот. Филолошкиот факултет зазема посебно место бидејќи професијата врзана за јазик налага дека научно-стручниот кадар бездруго одлично го познава странскиот јазик. Предлогот за проверка на јазични познавања е понижувачки и навредлив, затоа што врвни експерти за странски јазик треба да полагаат тест во институција од понизок ранг, а евентуално и пред своите бивши студенти.
Се поставува прашањето зошто да се познава токму англискиот јазик за да се предаваат националните јазици и книжевности (македонски, албански, турски, и слично). Истовремено, иако научните кадри што истражуваат од областа на филолошките науки се изземени од обврската да објавуваат трудови во списанија со „импакт фактор“, тие се изземени САМО во третиот циклус (што е највисок степен на универзитетски студии), а не се изземени во првиот и во вториот циклус универзитетски студии (Член 95А од ЗВО). Поради специфичниот стручен профил на наставно-научниот кадар на Филолошкиот факултет, согласно Законот за високо образование, беше ослободен од објавување на научни трудови во списание со импакт фактор. Поради таа околност, потребно е да се ревидира новата одредба за објавување трудови во списанија со импакт фактор со која наставницте се ставаат во нерамноправна положба.

3. Непознавање на терминологијата. Научниот назив master of arts е погрешно наведен како master of science.

4. Девалвирање на работата на универзитетите. Државниот испит, како што е предложен, претставува оспорување на стекнатите знаења. Освен тоа, државниот испит е навреда за високото образование заради прашања со понудени одговори базирани на меморирања. Потенцираме дека повеќе години наназад сите дипломирани на Филолошкиот факултет веќе се подложени на државни испити што со успех ги совладуваат. Имено, дипломираните студенти на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и досега се подложуваат на проверка на стручната оспособеност со полагањето низа државни испити: лекторскиот испит (преку Министерството за култура), стручниот испит што е услов за вршење наставна дејност (испитот се спроведува преку Министерството за образование и наука), како и стручен испит за судски преведувач (спроведуван од Министерството за правда).

Заклучок. Гледајќи ги сите предложени измени останува прашањето како очекуваме нашите дипломи да се вреднуваат и да се признаваат во странство кога со овие измени тие се обезвреднуваат и нивниот квалитет се доведува во прашање во нашата земја.



Reply · Report Post